Тетовската полиција информира дека се расчистени 12 кражби за кои се осомничени тројца малолетници од 13 до 16 години, кои воедно не го почитувале и полицискиот час. Тие се осомничени дека за речиси три месеци краделе во повеќе обејкти.

– Секторот за внатрешни работи Тетово целосно расчисти 12 тешки кражби и ќе изготви соодветен поднесок по член 236 од Кривичниот законик против 3 малолетни лица од Тетово на возраст од 13 до 16 години. Тројцата малолетници се сомничат дека во периодот од февруари до 20 април годинава со употреба на сила влегувале во продавници, киосци и чајџилници во централното тетовско подрачје и одземале пари или разновидни производи, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Малолетниците истовремено не ја почитувале и забраната за движење, за што ќе се соочат, исто така, и со поднесок за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, согласно член 206 од Кривичниот законик.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2021 15:46