Основното јавно обвинителство Велес поведе постапка против лице на возраст од 29 години поради постоење на основано сомневање дека сторило продолжено кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 2 од Кривичниот законик, соопштија од ОЈО Велес.
-Осомничениот во два наврати ја загрозил сигурноста на своите мајка и баба. На 16.5.2021 година попладнето дошол дома и држејќи во раката нож се обратил кон мајка му велејќи дека ќе ја убие и неа и баба му и ќе ги расече ако не му даде пари. Тој употребувајќи кон оштетените вулгарни зборови, го скршил мобилниот телефон на неговата мајка при нејзиниот обид да го пријави во полиција. Потоа на 18.05.2021 година повторно постапил на истиот начин со што ја загрозил сигурноста на оштетените при вршење на семејно насилство и го сторил продолженото кривично дело, соопштија од ова велешкото обвинителство.
Имајќи предвид дека се работи за кривично дело кое е спротивно на моралните норми за семејните вредности и роднинските врски со оштетените, изразената настојчивост во неговото однесување спрема оштетените, до Судија на претходна постапка е поднесен Предлог за определување на притвор за осомничениот. Судијата на претходна постапка при Основниот суд Велес го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му е определен притвор во траење од осум дена.
Воедно, од Основното јавно обвинителство Тетово, информираат дека донеселе Наредба за спроведување истражна постапка за двајца браќа, жители на село Боговиње, тетовско, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители го сториле кривичното дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 , а еден од нив и кривичното дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.
-При извршен претрес од службени лица на 18 мај 2021 година, на две локации, во Тетово и во село Боговиње, заради продажба држеле наркотична дрога марихуана распоредена во одделни пакувања со вкупна нето маса од 9375,4 грама. Покрај дрогата, при претресот во куќата во с. Боговиње бил пронајден и еден пиштол марка „Бруни“ со калибар 8 мм, кој неовластено го држел еден од осомничените, соопштија од ОЈО Тетово.
Обвинителството до Основниот суд Тетово поднесе предлог за определување на мерка притвор за двајцата браќа, поради потреба да се обезбеди непречено водење на кривичната постапка.