Одделението за внатрешни работи од Дебар поднесе кривична пријава против двајца жители на село Требиште, општина Маврово и Ростуше, поради непочитување на полицискиот час.

-Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, ОВР Дебар поднесе кривична пријава против А.Ј.(28) и С.А.(29), двајцата од селото Требиште општина Маврово и Ростуше. Полициски службеници ги затекнале пријавените во патнички автомобил, сопственост на првопријавениот, без да поседуваат дозвола за движење, во полициски час, изјави Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.

Според него контролата била извршена на 16 овој месец во 5 часот во близина на Дебар, кај месноста „Бошков Мост“, на патниот правец Дебар-Маврово, делница Дебар-Жировница.

-На подрачјето на Дебар во изминатото деноноќие евидентирано е едно лице кое ја прекршило забраната за движење од 24 до 4 часот со цел спречување на ширењето на вирусот Ковид-19. Против него ќе биде поднесена соодветна пријава. Овој месец регистрирани се четири вакви прекршувања, додава Димоски.

Истовремено полициските службеници констатирале три прекршоци за задолжително носење на заштитна маска или вкупно 44 овој месец за што издадени се прекршочни платни налози.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/05/2021 00:13