Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Фалсификување исправа од член 378 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопшти Јавното обвинителство, обвинетиот 28-годишен жител на Република Албанија, на 22 мај, на граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје, при пасошка контрола на излез од државава, употребил фалсификувана исправа – преправена грчка лична карта на друго име. Оригиналната фотографија била отстранета од оригиналниот образец на документот и била заменета со фотографија на обвинетиот.

Иако знаел дека исправата е преправена, обвинетиот, стои во соопштението, ја употребил како оригинална, со што го сторил кривичното дело.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2021 14:15