Речиси 167 килограми канабис и еден пиштол открила грчката полиција во товарен камион на автопатот од Евзони кон Солун и го уапсила возачот, странски државјанин, кој се товари за внесување на дрога во Грција, а според грчката новинска агенција АНА-МПА станува збор за 37-годишен државјанин на Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката полиција соопштуваат дека уапсениот со камион за меѓународен транспорт влегол во Грција од граничниот премин Евзони (Богородица), а бил запрен на автопатот кон Солун во организирана акција на Секторот за борба со дрога и со помош на куче- душкач бил откриен канабисот.

-При контрола на возилото, со помош на полицајци од тимот за од тимот за спречување и сузбивање на криминал и куче за откривање дрога од Царинската служба Евзони, беа пронајдени, добро скриени под подот на возилото 92 пакувања канабис со тежина од 166 килограми и 862 грама. Исто така, во едно од пакувањата беше откриен пиштол со два полначи и осум куршуми, кои беа запленети, соопштија од грчката полиција и додаваат дека запленети се и камионот и трите мобилни телефони на возачот.

Уапсениот ќе биде изведен пред јавен обвинител.

Грчката полиција, на Фејсбук објави видео од откривањето на канабисот во камионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2021 14:15