Обвинителен акт е поднесен против еден албански, еден македонски и еден косовски државјанин кои се обвинети за неовластено производство и пуштање во промет на наркотички дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Според информацијата од Јавното обвинителство, обвинетиот Л.С. кој е недостапен на органите на прогонот, заедно со В.К., Т.С. и Р.К. во периодот од 16 до 19 декември минатата година неовластено заради продажба, пренеле 58.980 грама марихуана и околу 900 милилитри хашиш масло.

Наркотичната дрога била подигната од објект што го користело лиценцирано правно лице – Друштво за производство, трговија и услуги 5 Летерс ДОО Скопје, чија дејност била одгледување канабис за медицинска намена и производство на екстракт од канабис лоциран во селото Алданци, крушевско. Дрогата била пренесена до викенд куќа во атарот на селото Врбоец.

Л.С. неофицијално бил назначен за управител на 5 Летерс ДОО Скопје и му биле доверени клучевите од безбедносниот сеф каде се чувала сувата материја. Еден месец пред критичниот настан, тој го ангажирал В.К. и го назначил како одговорно лице во фабриката за да ги контролира и координира вработените. При контрола на магацинскиот простор, В.К. утврдил дека одредена количина на наркотична дрога марихуана не е внесена во евиденциите на правното лице и се договориле со Л.С. да ја сокријат во таванот над магацинот и во погоден момент да ја изнесат од објектот со цел неовластено да ја продадат.

В.К. по насоки на Л.С. ги ангажирал обвинетите Т.С. и Р.К. кои непријавени работеле во фирмата и сите заедно направиле план за безбедно изнесување на дрогата. В.К. од магацинскиот простор каде се чува екстракт од канабис, изнел и една тегла хашиш масло со волумен од 900 милилитри и му ја предал на обвинетиот Т.С. кој ја чувал во мотелската соба во која престојувал. Наредниот ден Л.С., ја закупил викенд куќата каде обвинетите требало да ја пренесат и да ја чуваат марихуаната. Секој обвинет добил конкретни инструкции и задачи од Л.С., и за време на паузата на вработените, направиле прекин во мониторинг системот од безбедносните камери, ја земале мархуаната од таванот и ја сместиле во шест големи црни најлонски вреќи, а потоа ја натовариле во џип марка „лексус“ со швајцарски регистарски ознаки и ја пренеле во викенд куќата. По завршување на работното време, Л.С. со возило тојота ги пренел обвинетите во викенд куќата каде Т.С. требало да остане да ја чува дрогата до наредниот ден кога требало да биде преземена. На 19.12.2020 година при претрес на викенд куќата од страна на овластени службени лица е пронајдена дрогата со вкупна нето маса од 58.980 грама, а лицата се лишени од слобода. При претрес на други локации каде престојувале обвинетите пронајдени се помали пакувања на наркотична дрога спакувани за неовластена продажба.

– Имајќи го предвид начинот и мотивот на извршување на кривичното дело, неговиот меѓународен елемент во извршувањето и поврзаноста на извршителите, како и фактот што обвинетиот Л.С. не е достапен на органите на прогонот, со цел обезбедување присуство на обвинетите и спречување на повторување на кривичното дело, со Обвинителниот акт предметниот јавен обвинител поднесе и Посебен предлог со кој му предложи на Основниот кривичен суд – Скопје спрема обвинетите да ја продолжи мерката притвор, се наведува во соопштението од ЈО.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/06/2021 14:57