На ден 29.05.2021 година имате објавено вест со наслов, цитирам: „18 годишниот Тони Сали бил пронајден починат на улица, немало траги на насилство“.
Ваквата вест е невистинита во делот на локацијата каде е починато ова лице. Лицето не е починато на улица како што наведувате, туку во неговиот дом на ул.Индира Ганди бр.41 во Шуто Оризари, стои во демантот испратен до нашата редакција преку адвокат Тамара Славеска Апостоловски.
Покрај ова во демантот е наведено (цитат):
Во однос на оваа вест, која беше објавена од повеќе портали (вклучително и Вашиот), порталот Romapress има објавено демант, во кој е наведено дека, цитираме:
„Многу невистинини изнесени преку социјалните мрежи и евтини продадени наслови на одредени медиуми укажуваа на болни информации поврзано со овој случај. Тимот на РомаПресс стапи во контакт најпрвин во полициската станица во Шуто Оризари каде ни укажаа дека лицето Тони Сали е пронајден починат во неговиот дом каде што живее во улица Индира Ганди, а не како што укажуваа дека бил пронајден починат на улица. Потоа го исконтактиравме и портпаролот на МВР г-дин Тони Ангеловски кој исто така ни посочи на дадената информација во Билтенот на МВР и дека тука не станува збор за лице кој е починат и пронајден во улица туку во неговиот дом со неговото семејство, лекар од итна медицинска помош констатирала смрт без траги на насилство, а по наредба на Јавен обвинител телото беше предадено на обдукција. Сосема на крај Тони Ангеловски портпарол на МВР укажа за Рома Пресс дека навистина со овој случај не треба да се прави поени, маркетинг или видливост на одредени портали затоа што се работи за случај на млад живот впрочем вчера Македонија повторно загуби уште една млада личност.“
Појаснување и коментар на редакцијата на Makpress.mk
Редакцијата на Makpress.mk длабоко им се извинува на фамилијата Сали доколку со нашата објава е предизвикано дополнително вознемирување на и онака тешката ситуација за нив по загубата на нивниот син и брат и во целост сочуствува со нив.
Но, во интерес на јавноста и со цел спречување на нарушување на угледот на порталот Makpress.mk би сакале да укажеме на следниве факти.
1. Зборовите евтини продадени наслови на одредени медиуми (меѓу кои се мисли и на нашиот) се крајно разочарувачки, некултурни и несоодветни особено кога се работи за нашиот портал кој е дел од регистарот на професионални медиуми. Воедно тука би сакале да укажеме дека од никого и на ниту еден начин не сме исконтактирани за веста да биде корегирана уште по нејзиното објавување ниту пак ни е доставен линк од ромапресс каде што се објаснува во детали за овој случај иако на нашата веб страница уредно се објавени сите контакт информации.
2. Би сакале да потенцираме дека изјавата на портпаролот на МВР Тони Ангеловски дадена за ромапресс а на која се повикува адвокатката во нејзиниот допис е класична лажна вест. Исто така, доказот со линк од дневните билтени на МВР кој е приложен во барањето на адвокатката Тамара Славеска Апостоловски е корегиран билтен кој е објавен на нивната официјална страна а притоа не е наведено никаде дека се работи за корегирана објава (Како што тое е практика кога при некоја објава е направена грешка.)
Имено, во дистрибуирањето на дневните билтени од страна на МВР до официјалните канали за комуникација со медиуми, не е наведено дека лицето Т.С. е пронајдено починато во својот дом. Овој доказ и факт и може да се види од принт скринот во продолжение, односно принт скрин од првичниот и оригинален дневен билтен на настани на МВР испратен до медиумите.
За на јавноста да и биде јасно како е изведен насловот на трагичната вест објавена на нашиот портал, во продолжение приложуваме неколку принт скринови од дневни билтени на МВР за слични настани во кои што јасно и прецизно е наведена локација, доколку некое лице е пронајдено починато.
Согласно горенаведеното би сакале уште еднаш да потенцираме дека насловот на веста е изведена врз основа на официјална информација од МВР која наведува дека лицето било пронајдено на улица, целосно да ги отфрлиме невкусните коментари дека од наша страна е направен обид за сензација на ваква трагична вест, а на портпаролот на МВР Тони Ангеловски да му порачаме пред да ги напаѓа медиумите, цитираме, „Тони Ангеловски портпарол на МВР укажа за Рома Пресс дека навистина со овој случај не треба да се прави поени, маркетинг или видливост на одредени портали“ да ги провери службите и одговорните за односи за јавност за кои е надлежен што и како информираат. Воедно исто така им порачуваме дека при објавување на корегирани информации се користи кратенката КРГ.
На крај, редакцијата на Makpress.mk уште еднаш се извинува на фамилијата Сали пред се од човечки аспект, но вистинското извинување треба да го побараат од портпаролот на МВР Тони Ангеловски и службите во Министерството за внатрешни работи.
Редакција на Makpress.mk