Во текот на мај имало речиси илјади сообраќајни прекршоци повеќе во споредба со истоиот месец во 2020, евидентирале во тетовската сообраќајна полиција. Во мај 2020 движењето беше ограничено со оглед на полицискиот час кој траеше од 19 до 05 часот наредниот ден .
– Минатиот месец мај, полициските службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово-Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово во Тетово и Тетовско вкупно откриле и законски санкционирале 1644 различни видови сообраќајни прекршоци и недостатоци или 945 повеќе во споредба со минатогодишниот мај. Во контролните активности, редовни и акциски, поради констатирани прекршоци, биле исклучени 68 возила. Најмногу од исклучените возила (36) биле со необновена регистрација повеќе од 30 дена, а кај 32 возила констатирана е техничка неисправност, најмногу на сопирачките, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Статистиката на сообраќајната полиција покажува дека минатиот месец, исто така, од сообраќај биле исклучени и 212 возачи, од кои 141 управувале без возачка дозвола, 36 возачи-почетници, 24 со несоодветна категорија и 11 со важечка забрана за управување.
– Во текот на мај годинава, исто така, поради истечена регистрација повеќе од 6 месеци и по други основи времено биле одземени 45 возила, а времено одземени се и 25 возачки и 44 сообраќајни дозволи. Во овој период, поради погрешно паркирање од „пајак-службата “ во Тетово биле подигнати 103 возила, посочи Јосифоски.
Инаку во изминатите три дена, односно на 4,5 и 6 јуни, на подрачјето на СВР Тетово вкупно откриени се 210 пречекорувања на максимално дозволената брзина надвор од населено место.