Основното јавно обвинителство – Прилеп издаде наредба за спроведување истражна постапка против 40-годишен државјанин на Република Албанија, поради основано сомнение дека ги сторил кривичните дела „давање поткуп“ и „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Како што информираат од Јавното обвинителство, осомничениот на 10 јуни 2021 година, околу 1:00 часот на патниот правец Прилеп – Градско, додека управувал со возило бил запрен од сообраќајна контрола и му била побарана документација за товарното моторно возило МАН на кое имало прикачено полуприколка. Подавајќи ја документацијата кон полициските службеници, осомничениот ставил парични средства во износ од 400 денари, за полицајците да не извршат службено дејствие што би морале да го извршат.
Откако службените лица ги вратиле парите и го предупредиле дека со тоа дејствие врши кривично дело давање поткуп, осомничениот повторно ги ставил паричните средства во документацијата и ги дал на полицајците за да не извршат преглед на возилото и полуприколката прикачена кон него.
При извршен преглед на возилото, службените лица во полуприколката пронашле 48,063 кикограми марихуана, спакувана во две патни торби со вкупно 49 полиетиленски паковки.
Во насока на непречено одвивање на кривичната постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Прилеп до надлежниот суд достави предлог за определување на мерката притвор за осомничениот. Основниот суд Прилеп го прифати предлогот на обвинителството и на осомниченото лице со Решение му е определен притвор во траење од 30 дена.