Македонскиот државјанин Назиф Ајроски (40) е уапсен во албанскиот пристанишен град Драч, откако во камионот со кој превезувал железо била открена колична од 300 килограми кокаин, соопшти албанската полиција.
Дрогата е откриена со скенер на втората линија на контролата пред возилото да влезе во траектот кој пловел на релација Драч-Наполи. Не се наведува какви сообраќајни ознаки имал камионот.
Кокаинот бил во кутии со логоата на Чикаго булс, Пари Сен Жермен, Кензо и Диор, а бил скриен внатре во шасијата на камионот.
Според првичните информации, камионот тргнал од Белгија и преку Србија и Северна Македонија на албанска територија влегол преку преминот Ќафасан кај Струга. Пред да стигне во Драч тој на албанска територија останал два дена и токму движењето на возилото било причина полицијата да се посомнева.
Уапсениот Ајроски негирал дека знае било што околу дрогата. Освен албанската во истрагата ќе биде вклучена и македонската полиција.