Прекумерното консумирање кафе за време на бременоста, подоцна може да доведе до проблеми во однесувањето на детето. Ова е посочено со долгорочно испитување за развојот на мозокот на неколку илјади деца.

– Постојат суптилни, но реални промени во однесувањето кај повеќето бебиња кои биле изложени на кофеин во матката. Ова особено лошо може да влијае на децата кои се почувствителни, вели авторот на трудот, Џон Фокс, директор на Институтот за неврологија „Дел Монте“ во Њујорк.

Со години на бремените жени им беше кажувано да го ограничат вносот на кофеин за да ја намалат опасноста од спонтан абортус или предвремено породување. Скенирање на мозокот на деца чии мајки консумирале кофеин за време на бременоста, покажа дека може да се појават и нарушувања на вниманието и хиперактивност. Повеќето проблеми се „мали, но забележливи“, тврди Фокс.

Познато е дека фетусот не може да го разгради кофеинот, а сè уште е непознато на кој начин и во кој точно миг кофеинот доведува до споменатите промени. Не се забележани промени во интелигенцијата или способноста за размислување на детето.

Истражувањата опфатиле 9.000 деца на возраст од 9-10 години.

Американскиот колеџ за акушери и гинеколози советува бремените жени да го ограничат внесувањето кофеин на 200 милиграми на ден. Тоа е околу два филџана. Сепак, новото истражување наведува дека дури и тоа може да биде премногу.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/06/2021 13:03