Еден од најголемите капитални проекти кои се реализираат во оваа календарска година во Кичево е целосната реконструкција на улицата„ Борис Кидрич“, една од главните сообраќајни артерии во градот. Улицата ќе биде со должина од близу 1000 метри, широчина на коловозот од девет метри, а ќе вклучува голем број градежни зафати.

-Во наредните неколку месеци ќе биде темелно реконструирана улицата „Борис Кидрич“ важна сообраќајна артерија во јужниот дел од градот. Ќе биде поставен нов асфалт по целата површина на сообраќајницата, изградени широки тротоари со бекатон плочки, ќе се постават нови лед светилки на обете страни од улицата, а ќе биде изградена и нова атмосферска канализација, која ќе ги собира водите по целата должина на улицата, која во дождливите денови беше многу непријатна за движење на пешаците, информираа од Општина Кичево.

За да се изведе комплетно планираниот градежен зафат, од Општината велат дека ќе бидат дислоцирани сите времени објекти што се наоѓаат пред општинската зграда и пред училиштето „К.Ј.Питу“ вклучувајќи ја и бараката на Детска заштита.

-Со ослободувањето на овие површини, ќе се добијат поголем број нови паркинг места а дел од овие површини ќе бидат искористени и како пешачки патеки. Со реализацијата на овој проект градот Кичево во најголем дел ќе има реконструирани сообраќајници, кои ќе го олсенат брзиот и безбеден проток на сообраќајот, бидејќи секоја година бројот на патнички моторни возила е во континуиран пораст, соопшти Општина Кичево.

Инаку на оваа улица пред неколку години беше променета комплетната водоводна мрежа и поставени нови ПВЦ цевки а беше изградена и нова фекална канализација, со што подземната инфраструктура на улицата е во добра кондиција.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/06/2021 15:12