Градинарите од Струмичко се задоволни од откупните цени и очекуваат овој тренд да продолжи.

Од градинарските култури засега највисока откупна цена има црвената пиперка одгледана во пластеници. Се откупува по 60 денари за килограм, а првите количини се извезуваат на пазарите во Русија и Украина.

-Освен оваа пиперка голем интерес има за доматите, кои се откупуваат од 25 до 40 денари за килограм, но морам да истакнам дека овие денови квалитетот не е како претходно, бидејќи завршува првата реколта од оваа градинарска култура. За десетина денови се очекува да стаса вториот производствен турнус. Се надевам дека ќе се задржи интересот за нашиот домат, кој годинава има добар квалитет, рече трговецот Блажо Битанов.

Градинарите потврдуваат дека се задоволни од откупните цени, посебно на доматите, но потенцираат дека годинава заради лошите временски услови претрпеле штети на пластениците и посевите.

-Добра е откупната цена на доматите, но и на другите култури. Се што произведов веќе е откупено и последните илјада килограми домати од пластениците ќе ги предадам на трговците утре. Да не беа екстремно променливите временски услови, кои на повеќе производители им предизвикаа штети на пластениците и посевите, ќе имаше повеќе производство и повеќе пари за нас, смета Ристо Велков, градинар од селото Василево.

Инаку, откупната цена на краставиците е 10 денари за килограм, на пиперките 30, а лубениците се откупуваат за 10 денари за килограм.

Според трговците, градинарското произвидство од струмичко се извезува на пазарите во Русија, Украина, поранешните југословенски пазари и во земји членки на ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/06/2021 15:40