Архиерејска литургија по повод празникот Источен Петок Балаклија денес се служеше кај манастирскиот комплекс „Св.Богородица Балаклија“ во Делчево. Архиерејската литургија, како што истакна епископот Делчевско-каменички г.Марко се одржува за прв пат кај манастирскиот комплекс посветен на животворниот Источник.

-Со радост дојдовме да отслужиме литургија за животворниот Источник кој во народот е познат и како Источен Петок или Балаклија. Сето тоа поврзано со главниот израз, а тоа е животворен Источник, тоа е Пресвета Богородица. Пресвета Богородица ни го родила животот, а тоа е Господ Исус Христос и затоа ја нарекуваат Животворен Источник. Затоа сме денес тука да и оддадеме почит на Пресвета Богородица. На литургијата имавме верници, но тие обично доаѓаат попладне да се напијат од изворот и да земат благослов од Животворниот Источник, истакна г.Марко.

Манастирскиот комплекс „Св.Богородица Балаклија“ во Делчево е седиште на самата епархија и со негово доуредување наскоро овој манастир ќе го добие ликот кој го заслужува, станувајки жив манастир.

-Ние веќе направивме план за внатрешното уредување на конакот кој треба да биде резиденција на делчевско-каменичката епархија. Со божја помош ќе обезбедиме и средства од добри луѓе од донации, но и од самата црква ќе помогнеме да го уредиме и што побрзо да се вселиме и да биде овој жив манастир, додаде епископ Марко.

Верниците кои поради лошото време денес беа во помал број истакнаа дека овде порано имало поголем број на посетители, посочувајки дека истиот бил далеку попосетен пред корона пандемијата.

Порано имаше многу луѓе, овде имаше река од народ, се служеше и заеднички ручек. Сега доаѓаат верници да наполнат вода и да се помолат за свое и здравје на своите најблиски, истакна посетителка на манастирот.

Освен во Делчево, денес одбележување на празникот Св.Богородица Балаклија имаше и кај Светите води во с.Тработивиште



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2024 23:35