Проектот „Промовирање на одржливо управување со земјиштето преку зајакнување на правната и институционалната рамка, градење на капацитети и реставрација на најранливите планински предели“, финансиран од Глобалниот еколошки фонд со 3,7 милиони долари, во следните четири години ќе биде спроведен од УНЕП и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Пилот-проектот ќе се спроведува во пет општини и тоа Арачиново, Јегуновце, Сарај, Желино и Липково, а со него ќе се покажат одржливи практики на управување со земјиштето.

На крај од проектот, предвидено е на пет илјади хектари земјиште, да се покаже како се применуваат практики со управување со шуми и со земјиште.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини рече дека Нинистерството дава целосна поддршка за овој проект и потенцира дека со Глобалниот еколошки фонд во минатото имале успешна соработка за план за управување со сливот на Охридското езеро и прогласувањето на Шар Планина за Национален парк.

– Многу сме заинтересирани да го имплементираме овој проект, кој треба да ни помогне да се справиме со проблемите во екологијата, рече Нуредини.

Регионалниот директор за Европа на Програмата за животна средина на ОН (УНЕП) Бруно Пози истакна дека овој проект доаѓа во вистинско време, во Декадата на ОН „Обновување на екосистемите“ и глобалната работна рамка за биолошка разновидност.

Ова е повик за заштита на еко-системите низ светот за доброто на луѓето и природата. Повик за спречување на деградацијата на еко-системот, за постигнување на целите за одржлив развој, одржливо управување со шумите, борба против опустошување. Овој проект придонесува за заложбите за зелената агенда за Западен Балкан, рече Пози.

Тој изрази надеж дека проектот ќе и помогне на Република Македонија за остварување на целите за зачувување на екосистемите.

Раководителката на сектор за Европска Унија при Министерството за животна средина и просторно планирање Весна Индова Точко истакна дека во последните 50 години, технолошкиот развој, индустриското производство и потрошувачката, значително ги смениле сите еко-системи, со што милиони видови се ставени во ризик.

– Начинот на кој ја произведуваме храната, водата, суровините, тоа се повеќе и повеќе го нарушува природниот капитал. Тоа ја поттикнува деградацијата на земјиштето, климатските промени. Тоа го зголемува и ризикот од појава на нови болести, како Ковид-19, рече Индова Точко, која потенцира дека сите ние сме одговорни за земјиштето.

Таа нагласи дека заштитата на природата и зеленото закрепнување, ќе значи и спречување на идни пандемија.

– Без да го заштитиме земјиштето ќе продолжиме да ја продлабочуваме глобалната криза. А тоа ќе ја наруши безбедноста на водата и храна и ќе го наруши биодиверзитетот. Тоа нема да може да се спречи доколку немаме конкретни заложби за да ги трансформираме системите за храна. Реставрацијата на земјиштето е основна компонента на која било стратегија во иднина. Земјиштето претставува основа на нашите општества, истакна Индова Точко, која нагласи дека над половина од глобалниот БДП се потпира на она што ни го дава земјиштето.

Таа рече дека инвестирањето во реставрација на земјиштето ќе овозможи да изградиме подобра, позелена и поодржлива иднина.

– Овој проект ќе помогне да се зајакне законската институционална рамка, да се градат капацитетите и да се заштитат некои планински подрачја и очекуваме да почнеме со имплементација на овој проект, рече Индова Точко.

Координаторот на проектот Соња Геберт од Програмата на УНЕП од Виена и Ивана Стојанова од УНЕП, детално го образложија проектот.

Геберт нагласи дека историски гледано Република Македонија е зависна од земјоделството.

Таа истакна дека главен предизвик кај нас се поплавите, уништувањето на почвата, намалување на квалитетот на водата, употребување на хемикалии во земјоделството, нерегулирано менаџирање со отпадите, непланирана урбанизација, недостаток на свеста на јавноста, немање доволно информации во однос на важноста за менаџирање на земјиштето.

– Главната цел е да се намалат ефектите од деградација на земјиштето и користењето на природните ресурси на планините. Да се развие национална политика, институционален капацитет и да се придонесе за постигнување на националните цели со интегрирано управување со земјиштето и слични практики за планинските екосистеми во Република Македонија, рече Геберт.

Таа соопшти дека на почетокот ќе биде формирана работна група со претставници од Владата, од локалната самоуправа и експерти, која ќе помогне во спроводување на проектот.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/06/2021 16:08