Притвор за 30-годишен скопјанец осомничен за убиство со нож на лице од скопско Ново Село, со кое претходно имал кратка расправија.

Јавното обвинителство информира дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донел наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.

-Осомничениот 30-годишник, по претходна вербална расправија, на 29 јуни со умисла лишил од живот едно лице во скопско Ново Село. Тој најпрвин од својот џеб извадил нож и почнал да му се заканува на оштетениот, кој започнал да бега и да бара помош. По кратката расправија, осомничениот му задал на оштетениот убод со ножот во пределот на ребрата и го напуштил местото. Жртвата и подлегнала на здобиената повреда во Градската болница „8 Септември“, информираат од ЈО.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи оценил дека постои опасност осомничениот да се даде во бегство, да го повтори делото или да влијае врз сведок на настанот.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/07/2021 13:09