Управата на општинското средно техничко училиште „Гостивар“ на пригоден начин ги промовираше инвестициите со кои значително се подобрени условите за настава. Од наредната учебна година во функција ќе бидат пет нови кабинети за практична настава, а направена е целосна реконструкција на внатрешноста во училиштето.

Директорот на ОСТУ „Гостивар“ Бесир Салиу на промоцијата кажа дека сработеното е со средства обезбедени преку непосредната соработка со општина Гостивар во изминатите три години.

– Со меморандумот за соработка со општината беше предвидено за период од 24 месеци да се инвестираат три милиони денари за подобрување на условите за настава и престој на учениците. Сега имаме целосно нови и опремени кабинети за информатика, архитектура, електротехника, за козметичката насока, ликовно и за кариерниот центар, рече Салиу.

На промоцијата присуствуваше и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, кој искажа задоволство од реализираното, напоменувајќи дека вложувањето во образованието било една од главните точки во програмата по локалните избори во 2017 година.

– Уште во кампањата пред четири години ветивме дека во раководењето со општината, една од главните цели ќе бидат инвестициите во училиштата. Сега може да се види дека повеќето училишта се уредени и имаат целосно нов изглед. Освен техничкото, подоновени се основните училишта „Гоце Делчев“, „Исмаил Ќемали“, во Форино и Дебреше, гимназијата, медицинското, речиси сите. Се надевам дека наредната недела ќе ги отвораме и новите кабинети во гимназијата и во медицинското, рече Таравари.

На пригодната свечност, во знак на благодарност, управата на училиштето додели плакети и благодарници на семејството на починатиот наставник Драгиша Стојкоски, раководителката на секторот за образование Аслијан Снопче и градоначалникот Таравари за нивниот придонес. згм/хс/



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2021 12:51