Археолошкото одделение од НУ Музеј Куманово заврши со овогодинешните истражувања на локалитето Градиште, во село Младо Нагоричане, соопштија денеска надлежните од установата. Ископувањата се спровеле на два сектора средна и долна тераса и се дел од годишната програма на Музејот.

– На секторот средна тераса се работеше во две сонди, кои ја потврдија стратешката улога која овој дел од локалитетот ја имал. Констатирани се повеќе фази од ѕидање на внатрешниот бедем (утврдување), кој имал за цел да ја заштити акрополата на населбата и од внатрешната страна. Ваков елемент на утврдување е откриен и во Кнежје (претпоставена Билазора), Глоска Чука (Валандово) и Вардарски Рид (Гевгелија). Ова пак, само по себе, зборува за постоење на развиена аристократија која владеела со останатите жители на утврдувањето, во подолг временски период. Резултатите кои ги добивме со истражувањето на секторот се значајни поради социјалниот и економски сегмент кој ни го даваат, што зборува за класно диференцирање и постоење на благороднички статус уште во 4-3 в. пр. н. е., изјави раководителот на истражувањето, археологот, Дејан Ѓорѓиевски.

На секторот долна тераса, откриени се повеќе состојби кои укажуваат дека овој краен дел од населбата, претежно е карпест, можеби се користел за исполнување на ритуали и почитување на култови поврзани со долгата регионална традиција на дивинизирање на карпата како божество.

-Откриени се повеќе јами и кружни конструкции, покрај кои биле оставани дарови од различен тип. Вакви ритуали се констатирани и на Кокино и Пелинце, но нивното практикување престанало скоро 1000 години пред да се повтори на овој локалитет. Самите наоди, покрај регионалното производство, зборуваат и за силните конекции кои локалитетот ги имал со античкото кралство Македонија, кои, пред сè, се гледаат преку накитот и импортираните садови, кои датираат од 4-3 в. пр.н.е., појаснува Ѓорѓиевски.

Археолозите велат дека локалитетот сам по себе продолжува да изненадува со својата развиеност и целосна интегрираност во цивилизациските текови на Медитеранот. Ископувањата се финансирани од Министерството за култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2021 13:22