Започнуваат активностите за изградба на секундарна и примарна мрежа во туристичка населба Беровско Езеро. Се работи за долго очекуван проект за сопствениците на викендици, но и за граѓаните, гостите и туристите.

– За реализација на оваа активност, најповолниот економски оператор е воведен во градба со што започна реализацијата на проектот за „Реконструкција на водоводна линија, дел од секундарна водоводна мрежа и поврзување на нов резервоар со примарна водоводна мрежа во туристичка населба Беровско Езеро – информираа од Општината.

Проектот е истакнат како еден од најголемите приоритети на средбите со граѓани и невладини организации, кои беа остварени како дел од процесот пред креирање на Буџетот за 2021 година и посебно е истакнат како приоритет преку „Здружението на туристички работници и сопственици на викенд куќи на Беровско Езеро“.

– Во рамки на проектот низ целата мрежа, се предвидени воздушни и испусни вентили, сместени во посебни шахти или се комбинирани. Во проектот се предвидени и подземни против пожарни хидранти. Ќе понуди решавање на долгогодишниот проблем со водоснабдувањето во туристичката населба Беровско Езеро, а ќе се изгради помеѓу веќе постоечките резервоари и ќе се покрие преостанатиот дел од населбата и домаќинства со што во значителна мера, ќе ги подобрат условите за развој на туризмот – додадоа од Општината.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/07/2021 14:33