Во изминатото шестомесечие на територија на Oпштина Кичево регистрирани се вкупно 92 пожари, што е во рамки на просекот споредено со претходните неколку години.

Најмногубројни се пожарите на отворен простор на ниви, ливади и на ниско стеблеста деградирана шума, додека пожарите на објекти се нешто помали. Најмногубројни се опожарувања на моторни возила, потврди за МИА командирот на ТППЕ Кичево, Горан Соколески.

– Во изминатото шестомесечие во нашата општина се регистрирани вкупно 92 пожари, од кои најмногубројни 64 пожари се регистрирани на отворен простор, кога беа опожарени ниви,ливади и шуми. Во истиот период се регистрирани и 26 пожари на куќи, плевни шупи и друг вид објекти и најмалку два пожари се регистрирани на моторни возила. При овие пожари регистриран е и еден починат од труење со чад во затворена просторија и еден повреден од единицата при интервенција во гасење на пожар, рече командирот Соколески.

Тој ги наведе за споредба бројките на пожари евидентирани во истиот временски период во последните неколку години.

– Во последните неколку години бројот на регистрирани пожари споредено со ова полугодие се многу слични со исклучок на 2019 година, кога во истиот период се регистрирани рекордни 200 пожари, од кои само во месец март се половината од овие пожари. Во овие години се бележат 99 пожари во 2018 година и 70 пожари од трите видови во 2017 година, додаде командирот Соколески.

Тој упати апел до месното население да се воздржи од палење оган на отворен простор и во шумите, да не се фрлаат догорчиња и отпушоци од цигари кога се на отворено за да не се случат пожари од поголеми размери поради сушата која е присутна во земјава последниве месец и половина.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2021 14:53