Во рамки на истражната постапка што се спроведува во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, против четири лица, за злоупотреба на службената положба и овластување при спроведување на постапки за јавна набавка, предметниот јавен обвинител, со цел да не дојде до осуетување на намирувањето на оштетното побарување во текот на кривичната постапка, побара од Основниот кривичен суд – Скопје да определи привремени мерки за обезбедување на имотно-правно барање.
Од Јавното обвинителство на Република Македонија денеска соопштија дека во предметот како оштетена се јавува државата со оштетно побарување во вкупен износ од 17.642.237,00 денари.
– Уважувајќи го барањето, судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје донесе Решение за привремена мерка со кое спрема едно од осомничените лица е определена привремена мерка – забрана за располагање со средства од сметка на која осомничениот како физичко лице има овластување да располага. Со истото Решение спрема две малолетни лица, на кои првоосомничениот во предметот е законски застапник, е определена привремена мерка – Забрана за оттуѓување или оптоварување на своите недвижности или стварни права кои врз недвижноста се запишани во корист на законскиот застапник, со прибелешка на таа забрана во јавна книга или да ги даде под закуп. Воедно, спрема едно правно лице во сопственост на трет осомничен судијата на претходна постапка определи привремена мерка – Забрана за отуѓување или оптоварување на движни ствари, се појаснува во соопштението.
Привремените мерки за обезбедување на имотно-правното барање ќе да траат најдолго до правосилно завршување на кривичната постапка или до поинаква одлука на судот.
Во исто време претходно изречените мерки за обезбедување на осомничените се продолжени за нови 30 дена.