Јавната локална библиотека „Илинден“ заедно со двете основни училишта во градот ја започнаа заедничката иницијтива насловена „Подвижна читална“. Како што истакна директорката на билиотеката Биљана Петровска целта е на отворен простор учениците заедно да ги обработуваат предвидените лектири за следната учебна година.

– Библиотеката ги има сите лектири кои ќе се обработуваат во новата учебна година. Ќе ги издаваме на сите ученици без разлика дали се наши членови или не се наши членови. Целта на „Подвижнaта читална“ е учениците заедно, без разлика дали во градскиот парк, училишен двор или каде било на отворен простор, да ги читаат лектирите, да ги раскажуваат, да споделуваат мислења, односно заедно да ги обработуваат истите, истакна Петровска.

Доколку се покаже дека има интерес, како што додаде, ќе се вклучат и наставниците кои ќе им помогнат во обработката на лектирите, при што е планиран и волонтерски час со студенти или дипломирани невработени наставници.

– Секако ова е само најава, доколку има интерес од страна на учениците, се друго лесно и брзо ќе го организираме и реализираме, затоа што библиотеката има одлична соработка со двете основни училишта во градот, додаде Петровска.

Од двете делчевски деветолетки изразија огромна поддршка за иницијативата, додавајки дека само на тој начин може да се влијае на зголемување на читателската публика и учениците предвреме да ги добијат потребните знаења пред стартот на новата учебна година.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2021 14:13