Водата да се користи рационално на овие високи температури, а не за полевање на градини и тревници, апелираа денеска од штипското комунално претпријатие „Исар“.

Потрошувачката е зголемена, во филтер станицата влегуваат 380 литри во секунда, а од неа до граѓаните пристигнуваат и до 410 литри во секунда.

Директорот на ЈП „Исар“, Здравко Коцев во неколку наврати апелира водата за пиење да се троши рационално, за Штип да не се соочи со намалување на притисокот на водата, а повисоките зони и да останат со суви чешми.

Посочува дека ЈП „Исар“ се соочува со големи загуби на вода во водоснабдителната мрежа од над 60 отсто. Главна причина е застарената водоводна инфраструктура, но и кражбите и нерационалната потрошувачка.

-Граѓаните да водат сметка за тревници, за наводнувањето на бавчите, за користењето на вода за пиење за непродуктивни цели, туку да се користи водата во овие сушни времиња, за пиење и за лична хигиена. Доколку се продолжи со тоа енормно трошење на водата, ќе дојдеме во ситуација, не да правиме рестрикции, туку само по себе ќе снема вода, вели Коцев.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2021 14:47