Во присуство на директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, локалното собрание на млади по пат на непосредни избори и со тајно гласање го избра составот на Локалниот младински совет на Општина Делчево.

Младинскиот совет ќе брои пет члена и ќе биде со мандат од две години и со право на уште еден избор, а според апликациите, интерес за членување во ЛМС во Делчево пројавија претставници од седум организации во Делчево. По тајното гласање за членови на младинскиот совет без избрани Александар Дончовски, Јована Петровска, Џастин Мемедов, Родне Деолска и Кристијан Трајановски чие членство ќе биде верификувано од страна на Советот на Општината.

Како што изјави Мојсоски, Делчево е една од првите општини која постапува по новото законско решение и формира Локален совет за млади.

-Младите мора да бидат слушнати да се почитуваат нивните идеи. Младинските совети се браникот на младите кои преку ова тело директно ќе им пренесуваат на општините за нивните барања и потреби. Затоа, даваме поттик на сите општини да формираат младински совети, за да знаат младите, каде да се обратат и ги повикувам сите општини да го користат примерот од Делчево, рече Мојсоски.

За градоначалникот Горан Трајковски, формирањето на функционален Младински совет ќе влијае на обликувањето и спроведувањето на политиките за млади, насочени кон подобрување на квалитетот и условите за живот и зајакнување на нивната свест за активно и одговорно учество во општеството.

-Во таа смисла и согласно со условите и можностите во Општина Делчево, како градоначалник давам, и ќе давам поддршка на сите нивни активности, барања, бидејќи младите во Делчево се тие што мотивираат и со чија помош ќе внесуваме промени и ќе јка градиме општината, рече Трајковски.

Тој пред присутните ги потенцираше проектите и програмите кои се реализираат во интерес на младите во Делчево, а го промовираше и новиот проект кој се реализира на барање на младите, изградба на скејт-парк во Делчево, кој е во фаза на тендерирање.

-Овој скејт-парк треба да ги задоволи потребите на локалното население, посебно младите, за рекреација, тренинг и евентуално одржување натпревари од локален карактер. Локацијата се наоѓа во спортско- рекреативниот центар, односно во завршниот дел на улицата Кеј на Ослободување, која ќе биде главната улица по која посетителите ќе можат да дојдат и пристапат до скејт-паркот, а површината е 880 метри квадратни, рече Трајковски.

За претседателот на Советот, Драган Маневски, новиот начин за избор на членови на Локалниот младински совет, согласно со новите законски измени, значат повисоко, демократско право за избор на нови членови на телото коешто треба да ги мотивира, поттикнува, обединува, активира младите од Делчево, за нивно активно вклучување во креирањето на локалните младински политики.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2021 22:18