За внесување и трговија со канабис на територијата на Грција е уапсен грчки државјанин, кој на мотор превезувал 33 килограми и 523 грама канабис, што ги презел на граничен премин со Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од грчката полиција, уапсениот бил забележан во поширокиот регион на Идомени, а канабисот бил спакуван во 31 пакување.

– Од истрагата на полицајците произлезе дека горенаведената количина дрога претходно ја примил од граничниот премин кај Килкис, со цел понатамошна трговија во внатрешноста на земјата, соопштуваат од грчката полиција.

При претрес на домот на уапсениот, кој според медиумите во Грција, е државен службеник вработен во општина, биле откриени и запленети воздушен пиштол, 12.000 евра и 12 кутии анаболични супстанции.

Бил запленет и моторот, за кој било констатирано дека е со украдени регистарски таблици.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/07/2021 12:11