За шест месеци од 2021 година полицијата во Тетовско и во Гостиварско при контроли во локали има откриено 88 странски државјанки кои претежно работат како келнерки, танчерки и пеачки.
Овие контроли се прават во насока на откривање непријавен престој, злоупотребување на туристичкиот престој, нелегално работење, како и сомнение дека се инволвирани во други кривични дела.
– Во рамките на континуираните активности што ги презема Секторот за внатрешни работи Тетово за откривање и законско санкционирање на странски државјани во првите шест месеци од годинава биле спроведени вкупно 15 акциски контроли од кои 10 се на тетовското подрачје, а пет во гостиварско. Од 88 лица најмногу од нив – 47 биле од Албанија, 16 од Србија, 8 од Русија, 7 од Украина, 5 од Косово, 2 од Бугарија и по 1 од Босна и Херцеговина, Молдавија и Литванија. Дури 54 од нив непријавено престојувале или го злоупотребиле туристичкиот престој, односно престојувале спротивно на целта и нелегално работеле, претежно во угостителски објекти, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
По приведувањето, странските државјани се предаваат во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Тетово за натамошна постапка, по што биле санкционирани со парични глоби, протерување од нашата земја и со забрана за влез од една до три години.
Ноќта меѓу саботата и неделата во иста таква акција беа најдени девет странски државјанки во локал во Тетово.