Раководството на ООУ „Мустафа Кемал Ататурк“ од село Пласница, летниот одмор на учениците го искористи да го вароса училишниот објект, за да ги подобри хигиенските услови во училиштето, како и да им обезбеди подобри услови за настава на учениците од повисоките одделенија, со отворање на нови кабинети по физика и хемија.

Риза Реџепоски, директор на училиштето, кое го посетуваат 450 ученици, нагласи дека низ практична настава ќе се овозможи учениците полесно да се воведат во новиот начин на образование и стекнување на поголеми практични знаења.

– Летниот одмор на учениците го користиме многу рационално. Најпрво ги варосавме сите училници и помошни простории во училиштето, со што ја подобривме хигиената на училишниот објект а во фаза на подготовка се и два кабинети по предметите физика и хемија, кои со помош на Министерството за образование и наука целосно ќе бидат опремени со надгледни средства, а тука дел од наставата ќе ја спроведуваат ученици од петто до деветто одделение, посочи директорот Реџепоски.

Со опремувањето на новите кабинети директорот очекува низ практична настава учениците да покажат поголем интерес кон природните науки .

– Наша интенција е учениците низ практична настава во кабинетите да покажат поголем интерес за природните науки и утре полесно да се вклучат во производствениот процес а природните науки да бидат нивен приоритет.Поголемата вклученост во природните науки, ќе им овозможи полесно да направат избор и во средно училиште, а по завршувањето на средното образование полесно да најдат работа или да се определат да студираат некој од техничките факултети, додава директорот. за/цр



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2021 13:24