Во Кочани успешно заврши проектот за изведување општинско корисна работа, со која 15 невработени лица беа работно ангажирани и добиваа финансиски надоместок.

Учесниците во проектот денеска ги добија сертификатите за ангажманот во проектите „Сестрана грижа“ и „Мисија“, што се реализираа како поддршка на лица во социјален ризик.

– Во програмата Општинско корисна работа годинава беа ангажирани три образовни асистенти, по петмина негуватели на стари лица и на лица со хендикеп, а две лица работеа во Центарот за донација. Лицата за испорака на услуги беа ангажирани за шест месеци, имаа четиричасовно работно време, плата од бруто износ од девет илјади денари. Образовните асистенти работеа девет месеци, а сите имаа можност да се стекнат со сертификат за соодветниот профил, истакна Аника Илијевска Ѓорѓиева, координаторка на проектот.

Сертификатите ги врачи градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, при што се заблагодари за помошта во подобрувањето на квалитетот на живот на ранливите категории граѓани, истакнувајќи ја можноста обучените лица да бидат конкурентни на пазарот на трудот. За следниот период Локалната самоуправа очекува реализација на проекти со ангажман на образовни асистенти во средните училишта.

Општина Кочани седум години е дел од програмата Општинско корисна работа, којашто е финансирана од страна на УНДП, а поддржана од Министерството и труд и социјална политика и Агенцијата за вработување.

Во периодот од 2014 до 2021 година преку оваа програма, во Кочани беа ангажирани вкупно 77 даватели на услуга во различни услужни дејности, а беа опслужени неколку илјади корисници од различни целни групи.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2021 13:26