Локализиран е пожарот што вчера попладне избувна на старата дива депонија во Гевгелија. Од страна на ЈПКД „Комуналец“ на терен е испратена екипа за целосно гаснење на пожарот и расчитување на просторот.

Во доцните попладневни часови вчера во Територијалната противпожарна единица Гевгелија пристигнала пријава за пожар на старата дива депонија, од кој бил зафатен просторот под Пречистителната станица кај реката Вардар.

Од ТППЕ Гевгелија велат дека веднаш дејствувале со две противпожарни возила и пет пожарникари кои во текот на ноќта успеале да ги скротат огнените јазици кои се ширеле низ сува трева и капини и се заканувале да се прошират на околните земјоделски површини со жито.

Пожарникарите се сомневаат дека причинител на пожарот е човечки фактор. Гевгеличани категорично бараат час побрзо да почне најавеното расчистување на дивата депонија, од која, како што велат, се почесто се гушат во моменти на пожар, и да се ревитализира целиот простор со хортикултурно уредување.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2021 13:32