Општина Богданци со владин договор за пренамена на средства доби државни пари во висина од околу 10,5 милиони денари кои ќе бидат искористени за целосна реконструкција на улицата „Бранд Петрушев“, која е една од главните сообраќајници во Богданци.

Од Општината посочија дека улицата, која е изградена пред 36 години, е со многу оштетена асфалтна површина и дека со техничкото решение се предвидува гребење на стариот асфалт и поставување нов слој со дебелина од седум сантиметри.

–Покрај ова, предвидено е од двете страни на улицата да се оформат тротоари со различна широчина, а одводнувањето да се овозможи со надолжни и попречни наклони. Дождовната вода од коловозната површина преку собирна решетка ќе се одведува до реципиентот Гегова река, каде на растојание од 100 метри ќе бидат поставени и метални ревизиски шахти, велат од надлежната општинска служба.

Со реализирање на проектот, локалната самоуправа има цел да ја подобри локалната патна мрежа и да создаде услови за поквалитетен живот на граѓаните од општина Богданци.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2021 14:24