СВР Тетово годинава бележи повеќе откриени кривични дела од областа на недозволена трговија со наркотични дроги ако се споредуваат шестте месеци во 2020 и 2021 година. За половина година пронајдени и одземени се различни видови наркотични средства, најмногу марихуана и кокаин, но и екстази, хероин и друго.
-Во првите шест месеци од оваа година Секторот за внатрешни работи Тетово евидентира вкупно 55 кривични дела од кои 27 во Тетовско, а другите во Гостиварско, од областа на недозволена трговија со наркотични дроги или 13 повеќе во споредба со истиот период лани, кои целосно се расчистени и заокружени со 50 кривични пријави против 72 сторители. Откривачката функција во овој период е зголемена за 24 проценти. Најголемиот број од кривичните дела (50) биле „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, а 5 „овозможување на употреба на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, изјави денес Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Во изминатите шест месеци од годинава биле изготвени и 30 барања за поведување прекршочна постапка од кои 27 во Тетовско, против 39 сторители (34 во Тетовско) за сторени исто толку прекршоци, пред се, поврзани со уживање на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.