Општата болница Куманово доби нов апарат за ЕХО дијагностика, кој ќе се користи во Ургентниот центар, во флеболошка амбуланта за дијагноза на пореметување на венска циркулација. Апаратот е донација од Светска банка.

Од оваа здравствена установа најавија дека планираат и едукација на кадри од различни оддели за дијагностика на ургентни состојби.

– Отвараме нова флеболошка амбуланта во рамки на болницата во која ќе работиме со пациенти преку „Мој термин“ кои имаат проблеми со вени, почнувајќи од најбенигните болни, отечени нозе преку видливи варикозни проширени вени, па сè до крајниот стадиум, појава на венски улкуси и хиперпигментација на кожа, изјави доктор Наташа Јовановска, специјалист по општа хирургија.

Од болницата ги информираа лекарите од примарната и секундарната здравствена заштита дека ќе има термини, преку кои ќе можат да закажат термин за пациентите со венска слабост.

– Сакаме и оперативно да ги третираме пациентите и имаме склучено договор со васкуларен хирург кој оперира, истакна д-р Јовановска.

Статистиката покажува дека од 30 до 40 проценти од возрасната популација има некои проблеми со венска циркулација. Две од три жени имаат проблем со проширени вени и еден од двајца мажи. Брзиот начин на живеење, генетска предиспозиција, комбинирана со стоење и седење предизвикува проблеми со вените.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2021 15:12