Полицијата во два и полчасовна контрола низ Гостиварско, одзела пет возила, кои правеле бучава над дозволеното.

Од СВР Тетово информираат дека во рамките на планираните активности за поголем ред и безбедност во сообраќајот во летниот период, вчера во периодот од 18 часот до 20 часот и 30 минути во централното подрачје на Гостивар е спроведена локална акциска контрола.

– Во овој период, времено биле одземени пет патнички моторни возила, претежно заради бучавост. На нивните сопственици ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци согласно член 344 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Доколку се утврди техничка неисправност на возилата, тие ќе бидат задржани во гостиварското Полициско одделение за безбедност на патниот сообраќај, појаснува Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Од започнувањето на практичната примена на измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, на поширокото гостиварско подрачје вкупно биле времено одземени 56 моторни возила, од кои 50 за истечена регистрација повеќе од шест месеци и 6 за бучавост, како и една приколка.

На тетовското подрачје, пак, во овој период вкупно биле времено одземени 127 возила, од кои 115 поради истечена регистрација повеќе од 6 месеци и 12 поради бучавост.

Според портпаролот Јосифоски, најголемиот дел од ваквите случаи се патнички возила и мотоцикли, а меѓу одземените имало и едно товарно возило.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/07/2021 14:42