Ансамблот на народни игри и песни „Орце Николов“ од Скопје, формиран во 1945 година од денес е претставен низ фото изложба во Битола која е отворена во рамки на фестивалот „Илинденски денови“.

За фото изложбата „75 години – повеќе од игра и песна“, уметничкиот рекововител на фестивалот, Валентин Соклевски истакна дека ансамблот „Орце Николов“ постигнал големи резултати и успеси на полето на фолклорното творештво за што потврда се 400 домашни и меѓународни награди и признанија од бројни фестивали во државата и светот.

-Низ игра, песна и музика, задоени со вековното духовно и културно богатство, илјадници вљубеници во македонскиот фолклор, членови на ансамблот „Орце Николов“ станаа чувари и пренесувачи на се што нашиот народ со векови ткаел како дел од своето битисување. Сите оние кои во изминатите децении твореа, живееја во неговото вишнеење, како и младите генерации што се дел од него, сплотени го издигнаа ансамблот на високо рамниште и го продолжуваат негувањето на македонскиот фолклор, посочи Соклевски на отворањето на изложбата во Битола.

Во ансамблот на народни игри и песни „Орце Николов“ евидентирани се повеќе од 15.000 членови кои приредиле околу 6.700 концерти во земјава и низ светот, а ги следеле над 10 милиони гледачи.

-Ансамблот е еден од првите зачетоци на културно-уметничкиот аматеризам во државата, и затоа публиката во Битола ќе може со задоволство да ги погледне бројните генерации кои оставиле трајни белези во македонската музичка култура. Тука, на едно место изложени се над 400 записи, фотографии и новинарски прилози кои се потврда за огромните успеси на Ансамблот „Орце Николов“ од Скопје, истакна Соклевски.

Изложбата посветена на ансамблот „Орце Николов“-Скопје е поместена во изложбениот салон на НУ Завод и Музеј во Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/07/2021 14:19