Краткиот филм „Соло Мод“ на режисерката Тамара Котевска ќе има светска премиера во официјалната селекција на кратки филмови на 27. Филмски фестивал во Сараево, кој ќе се одржува од 13 до 20 август.

Како што соопшти „ОХО Продукција“, „Соло Мод“ е независен краткометражен филм инспириран од Ковид-19 и снимен во 2020 година за време на рестриктивните мерки и строгиот карантин.

Во филмот учествува вистинско четиричлено семејство и мала филмска екипа – актерот Александар Микиќ, неговата сопруга – харфистката Весна Микиќ и нивните две деца Иво и Ена.

„Соло Мод“ е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија. Продуценти на филмот се Тамара Котевска и Илија Тирицовски. Извршни продуценти се Пеце Талески од „ОХО Продукција“ и Ана Хашми од „The Corner Shop“ за САД, а копродуцент на филмот е Зејнеп Атакан од „Zeyno Film“ од Турција.

Режисерката Тамара Котевска имаше две номинации за „Оскар“ за документарниот филм „Медена земја“ во 2019-та, која го сними заедно со режисерот Љубо Стефанов.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2021 14:54