Како и пред секој Илинден така и годинава, Кичево, се претвора во вистинска крстосница за коњаниците од сите градови на пат за легендарно Крушево, а жителите од овој град имаат можност да ги поздрават безмалку сите коњаници кои учествуваат на „Илинденскиот марш“.

„Местоположбата на Кичево е причина зошто речиси сите коњаници што се дел од „Илинденскиот марш“, мора да пропатуваат низ овој град. Нашите сограѓани ќе можат да им посакаат среќен пат безмалку на сите коњаници и овој град да биде место на вистинско претпразнично дефиле на коњаниците“, вели Добре Никоски, организатор на коњаницата „Патот на црешовото топче – Бигорски манастир“. Тој потсети на коњаниците кои редовно патот ги води низ Кичево до Крушево.

– Низ Кичево редовно поминуваат коњаницата од Бигорскиот манастир, коњаницата „Света Пречиста Богородица“, потоа неизбежно низ градот поминува Мавровско–горнореканската коњаница, а често низ Кичево на пат за Крушево поминува и коњаницата од Горно Лисиче и други, додава Никоски и им препорачува на своите сограѓани да се покажат како добри домаќини, да излезат на улица и на коњаниците им посакаат среќен пат за Крушево.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/07/2021 02:35