Од информациите коишто ги добив од претседателот на ДИК можам да кажам дека формално постапката за набавка на терминалите за отчитувачи на отшечатоци од прст е завршена и тоа е еден огромен чекор кон демократијата на самиот ден на гласање, изјави денеска на прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– На овој начин конечно се става крај на сомнежите за семејно или групно гласање и овој начин на гласање е доказ, дека и од друга страна, претставува исклучителна квалитетна можност и инструмент за да можеме да ја провериме веродостојноста на податоците од претстојниот попис којшто ќе се случи во месец септември, нагласи Мицкоски.

Тој потенцираше дека со терминалите за отчитување на отпечатоци, ќе се даде многу јасен одговор колку луѓе денес има во државата, без да има какви било обиди за политичка манипулација и злоупотреба.

– Очекувам, како прво, МВР докрај да го заврши процесот, а тоа значи да ги снабди ДИК и тимовите со базата на податоци на отпечатоците од прст на граѓаните, во соодветните избирачки места за да може овој процес на самиот ден на гласање да се одвива непречено. Очекувам МВР тоа да го направи час поскоро, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека од она што го има како информација, реномирана мултинационална германска компанија е таа која што практично ќе го изведе сето тоа на терен и затоа, како што рече, цени дека МВР треба веднаш да воспостави комуникација и со ДИК, но и со компанијата и нивните стручни тимови.

– Ја повикувам и меѓународната заедница да се вклучи уште сега активно во процесот на набљудување на изборите, бидејќи од она што можеме да го видиме во јавноста, загрижува. Јас и вчера во текот на вчерашниот ден објавив докази во две општини, Шуто Оризари и Ново Село, општината во близина со соседна Бугарија, како високи функционери на СДСМ – градоначалници ја злоупотребуваат помошта која е добиена, но и кредитот од Светска банка заедно со МТСП, што претставува брутално партизирање на државата, нешто за кое беа многу гласни кога беа опозиција СДСМ, ги делеа овие пакети во обид за поткуп на гласови за следните локални избори, рече Мицкоски.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ наведе дека се објавени масовни „партизирани конкурси за работа“ изминативе неколку денови, а од вчера откако се распишани изборите, како што рече, секое дополнително објавување значи груба злоупотреба и предизборни поткупи, притисоци, закани, уцени за следните локални избори од страна на власта, без разлика дали тоа доаѓа од СДСМ или од ДУИ.

– Накратко, терминалите за отчитување на прст се огромен чекор кон демократијата, барање на опозицијата. Конечно ќе имаме таква апликација, но ја повикувам и меѓународната заедница директно да се вклучи во мониторирање на локалните избори бидејќи поткупот, заканите, притисоците, уцените веќе започнаа. Она што заплашува и загрижува е што име и логоа на меѓународни финансиски институции стојат на тие пакети коишто ги злоупотребуваат функционери од власта и споменатите градоначалници од власта, заклучи Мицкоски.

Во однос на најавите за отворените листи на изборите, Мицкоски истакна дека од ВМРО-ДПМНЕ уште во месец март биле подготвени да ги изгласаат измените.

– Јас тоа го коментирав на една прес-конференција пред неколку денови дека ВМРО-ДПМНЕ уште во март месец беше подготвен да ги изгласа измените, бараа отворени листи, после викаа не сакаме отворени листи. Ние се сложивме и на отворени листи. Еве сега не сакале отворени. Во ред. Бараат праг за оние групи избирачи коишто ќе поднесуваат независни листи – не да било еден процент колку што е препораката на ОБСЕ/ОДИХР, да било два проценти. Во ред велиме – како ќе се договорите вие во владејачката коалиција така нека биде. Па ајде сега да немало. Во ред, еве нека нема праг. Како ќе се договорат таму во владејачката коалиција еве ние тоа ќе го прифатиме, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека она што е за нив важно е што изборите се распишани согласно Уставот на 17 октомври.

– Нема да има можеби после подолго време прекршување на Уставот и законите. Имаме крај на постапката за набавка на отчитувачи на прсти кои ќе гарантираат фер и демократски процес. Секој еден човек има право на еден глас, нагласи Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/08/2021 12:51