Алијансата на Албанците во трката за градоначалник на Дебар на локалните избори на 17 октомври ќе учествува со примариус доктор Беким Поцеста, кардиолог.

-Д -р Беким е познат низ целиот регион и пошироко по неговиот извонреден придонес како неуморен доктор во служба на здравјето на граѓаните. Тој е познат по својата работа, професионалност, однесување и искреност за време и надвор од практикувањето на оваа професија колку и да е тешка и благородна, стои во објавата на Фејсбук на дебарскиот огранок на партијата.

Се додава дека посебна заслуга има за неговата хуманитарна посветеност за време на кризата во косовската војна, 1998/99 година во Кукс и Тропоје.

-Покрај професионалните обврски, Поцеста е познат и како поддржувач и активист на разни културни и граѓански иницијативи а е и еден од основачите на фестивалот „Албански театар во Македонија" што во почетокот на септември по дваесеттипат, традиционално, ќе се одржи во Дебар. Познат е по скромноста и искреноста што го карактеризира. Промената ќе дојде и Дебар со него ќе стане место какво што сите посакаме, се наведува во објавата.

Беким Поцеста е роден во Дебар 1968 година, оженет е и татко на две деца. Дипломирал на Медицински факултет, по што специјализирал кардиологија. Моментно е на постипломски струдии, работи во Клиниката за кардиологија во Скопје, каде во еден период беше и директор.

До сега објавени се две канддатури за градоначалник на Дебар. Освен Поцеста во трката за татко на градот ќе биде уште еден доктор. Довербата за втор мандат ќе ја побара Хекуран Дука, специјалист уролог, од ДУИ, кој за градоначалник беше избран на предвремените локални избори, што се одржаа на 21 април 2019 година, што беа распишани поради смртта на дотогашниот градоначалник Ружди Љата.

Хекуран Дука е роден 1963 година во Дебар, оженет, татко на три деца. Средно образование завршил во родниот град, дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, каде специјализирал урологија. Работи во Општата болница во Дебар од 1994 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/08/2021 00:39