Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди директна продолжена дискриминација од страна на Државната изборна комисија (ДИК) кон лицата со физичка попреченост во подрачното одделение во Карпош и му препорачува на ДИК да превземе потребни вонредни дејствија во насока на обезбедување на нивното право за учество во политичкиот и јавниот живот. ДИК реагира дека подрачното одделеније не е во нивна сопственост туку е на локалната самоуправа.

– По допрен глас од лице со физичка попреченост кое се пожали дека не може да го депонира својот потпис за поддршка на извесна независна кандидатска листа за локалните избори, КСЗД одлучи да изврши увид во подрачното одделение на ДИК во Општина Карпош на улица „Стрезово“ број 7 и утврди дека објектот е неприлагоден и непристапен за лицата со физичка попреченост, со што тие не можат да го остваруваат своето загарантирано право на учество во политичкиот и јавниот живот, се вели во образложението на КСЗД.

Во подрачната канцеларија на ДИК во Карпош, потписи за поддршка на независни кандидати за членови на советите на општините и советот на Град Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје, депонираат жителите во општините Карпош, Ѓорче Петров и Сарај.

При увидот извршен на 18 август, КСЗД констатира дека до просториите на подрачната канцеларија на ДИК се стига по 50-тина тесни и стрмни скалила кои се неприспособени за лица со физичка попреченост, како и за стари, изнемоштени и болни лица.

Од ДИК вината ја префрлија на локалната самоуправа која им го отстапила просторот.

Ве известуваме дека просторијата каде е сместена Подрачното одделеније во Карпош не е во сопственост на ДИК, туку на локалната самоуправа, и тие се објективните капацитети со кои располага општината и кои можела да ни ги отстапи, велат од ДИК и се обратија до општина Карпош за обезбедување на посоодветни услови.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/08/2021 03:37