Влегуваме во финишот на овие избори, кои ја определуваат нашата посветеност кон промени за постигнување на она што заеднички ни е потребно, а тоа е нова иднина. Ова го истакна лидерот на ВМРО–ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот мини митинг во Вевчани, од каде ја побара довербата на вевчанци за поддршка на кандидатот за градоначалник Спасе Кочовски и повика на масовна излезност в недела на 31 октомври.

– Ова е наша борба за заедничка иднина. Новата иднина е долгот на нашите предци, но и обврска за новите поколенија. Новата иднина е нашиот сон овие 30 години за Македонија каква сакаме да ја имаме. Новата иднина е исправање на неправдите, ослободување на стегите на ова наше општество. Победа над стравовите, победа над делбите наши и ваши, леви и десни. Новата иднина е да работиме, да се креваме тогаш и кога паѓаме. Да постигнуваме резултати, да градиме, да создаваме, да го заштитиме нашето, да се бориме за она во што веруваме. Новата иднина е да го ослободиме потенцијалот на слободната индивидуа. Ова општество да се потпре на способните, напредните, рече Мицковски.

Лидерот на ВМРО–ДПМНЕ ги повика сите гласачи, кои, според него, сакаат нештата да се променат да се обединат, да не подлегнуваат на притисоци и закани, масовно да излезат и својот глас да го дадат за нивните кандидати.

– Време е да ги надминеме разликите и да се мобилизираме и обединиме, да покажеме слога и заедништво во намерите да се направи подобро. Потребни сме и сите на Македонија. Потребни сме сите заедно да се бориме рамо до рамо и само така ќе успееме сложно. Ако пропадне вашиот глас и останете дома тие ќе успеат и ќе мислат дека ве надмудриле. Ќе мислат дека добро правеле досега и ќе се охрабрат во се она што го прават, а сите нас не тишти и го сметаме за лошо и погрешно. Да покажеме дека самите сме господари на сопствените судбини и дека никој, ама баш никој ја нема нашата волја во џеб за да си поигрува со нејзе, истакна Мицковски.

Во своето обраќање тој се осврна на вчерашниот говор на лидерот на СДСМ Зоран Заев, во кој најавува промени, забележувајќи дека тоа го прави само поради изборите и оти ќепродолжат со старото однесување.

– Кога Заев најавува „game change”, како што тој вчера нарече, тогаш сигурен сум народот на Македонија во недела ќе му испорача „game over”, играта заврши. Game over е потребен затоа што само така ќе им се стави крај на лагите, разочарувањата и корупцијата кои му ги носат на народот цели пет години. Ќе има „game over“ за Заев затоа што народот го прочита дека волкот влакното го менува карактерот не, истакна Мицковски.

Говорејќи за актуелната политичка и економска состојба во земјава, порастот на цените на горивата, маслото, шеќерот, брашното…., не изостана да ја искоментира ниту оставката на членот на мешовитата комисија со Бугарија, Ванчо Ѓорѓиев, забележувајќи дека Владата му правела притисоци да попушти за нешто во што не верува како историчар.

Ги повика граѓаните на обединување, посочи дека позади параванот се сами и сами одлучуваат за промените и борбата против актуелната власт. – Немојте да заборавите дека позади параванот сте сами, вие и вашиот глас. Вие и вашата волја да ги промените работите. Промените започнаа, тогаш ајде да ги финишираме со голема победа во недела на народот на Македонија. Затоа и повикувам на обединување против оваа власт. Ова е наша заедничка борба. Ова е борба на народот против оваа аздисана, корумпирана, арогантна и неспособна власт, истакна Мицкоски.

Кандидатот за градоначалник Спасе Кочовски им се заблагодари на вевчанци за поддршката што му ја дадоа во првиот изборен круг, а на советниците од неговата партија, кои го имаат мнозинството во Советот на Општина Вевчани им посака убава и плодна работа.

– Вевчанци избраа проекти и избраа промени. Резултатите од првиот круг ми даваат за право со гордо крената глава да застанам пред вас и да ја побарам поддршката во вториот круг за да на 31-ви октомври се завери победата на ВМРО-ДПМНЕ во Вевчани, истакна Кочовски.

Довербата рече дека не ја бара за власт, туку, како што нагласи,во него вевчанци секогаш ќе имаат партнер, кој заедно со општинската администрација ќе одговори на сите предизвици кои ги носи новото време.

– Вевчанци веќе избраа, новите промени ќе ги предводи ВМРО-ДПМНЕ и новите градоначалници кои ќе ги донесат промените во Македонија, заедно со граѓаните во општините без поделби меѓу луѓето, посочи Кочовски во обраќањето во Вевчани.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2021 01:33