Бранот на промените ја зафати Македонија и тоа е многу важно, рече кандидатот за градоначалник на Битола на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски на гостувањето на Македонската телевизија.

Тој вети „и понатаму продолжувам исто, скромно, доследно, со чист образ“.

„Сакам да ги ослободам граѓаните од притисоците со кои се соочуваат во текот на целата кампања, а како се ближи денот од вториот круг на изборите тоа е се поинтензивно“, рече Коњановски.

Коњановски рече дека идејата во следните денови му е да им пристапи на граѓаните повторно и да ги обедини.

„Сакам заеднички да придонесеме за иднината на градот. Политиката треба да се тргне од локалната самоуправа. Јас ќе се обидам да направам спој меѓу сите од Советот на општина Битола за да работиме доброто на градот, граѓаните“, рече Коњановски.

Според него граѓаните сами ќе препознаат кој е реален и кој ќе во работи во нивни интерес и во интерес на градот.

Коњановски посочи дека мора да почне со работа, со многу проекти.

„Луѓето сакаат да видат работа и резултати од истата. Тоа е единственото што ме води кон тоа да менаџирам со Битола, да бидат градоначалник“, рече Коњановски.

И програмата, рече тој, е реална и акцент ќе се стави на локалниот економски развој со што ќе се подобрат многу работи во општината.

„Ќе донесеме нови инвестиции, една беше најавена и во индустриската зона Жабени. Тоа ќе отвори пат за економскиот развој на градот“, вели Коњановски.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2021 00:56