Од вкупно 10 скопски општини новата градоначалничка на главниот град Данела Арсовска победи во 7 од нив и тоа со убедлива предност.

По 100% обработени гласови, Арсовска издвојува победа во Аеродром, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Карпош, Шуто Оризари, Бутел и Гази Баба додека нејзионот опонент и досегашен „татко“ на Скопје, Петре Шилегов успеа да победи само во Центар, Сарај и Чаир.

Најубедлива победа Данела Арсовска оствари во Гази Баба каде што за неа гласаа 18.771 граѓани за разлика од Шилегов каде што довербата му ја дадоа 7.785 гласачи или некаде околу 28% од граѓаните кои излегле на гласање.

Победа со 10.000 разлика Арсовска оствари во Аеродром каде што за неа гласаа 20.981 граѓани додека Шилегов доби 10.981 гласови.

Трета, исто така, убедлива победа Арсовска оствари и во Кисела Вода која резултираше со разлика од 9.500 гласови пред нејзиниот политички конкурент, односно Арсовска доби 17.549 гласа додека за Шилегов гласале 8.109 граѓани.

Иако скопската општина Карпош важи за еден од бастионите на владеачката партија, сепак и тука Арсовска го победи Шилегов, односно за неа гласале 15.704 граѓани додека за Шилегов гласале 12.981.

Интересно за оваа општина е што Шилегов добил помалку гласови од кандидатот на СДСМ Душко Весковски кој ја загуби „битката“ од Стевчо Јакимовски но доби околу 500 гласа повеќе од Шилегов, односно 13.420.

Победата на Арсовска се потврди и во општините Ѓорче Петров и во Бутел каде што таа доби 11.568 (Ѓорче Петров) односно 8.377 (Бутел) наспроти Шилегов кој доби 6.276 (Ѓорче Петров) и 5.800 (Бутел) гласови.

Најмала разлика на Арсовска наспрема Шилегов е остварена во Шуто Оризари каде што победи со 350 гласа повеќе односно за неа гласале 4.000 жители на оваа општина додека за Шилегов гласале 3.641.

Убедливиот пораз Шилегов „успеа“ да го намали преку Чаир и Сарај каде што во едната општина победи со дупло повеќе гласови додека во другата разликата беше скоро 3:1 во негова корист. Во Чаир, Шилегов доби 16.255 гласови додека Арсовска доби 8.554 гласови а во Сарај за Шилегов гласале 7.549 граѓани додека за Арсовска само 2.462.

Дополнително, Шилегов ја намали разликата во поразот и во Центар, каде што доби 500 гласови повеќе од Арсовска односно 11.305 наспроти 10.799.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2021 03:47