Интересен „фото финиш“ донесе вториот круг од локалните избори.

Во 9 општини од вкупно 44-те во кои се оддржуваше вториот круг, кандидатите за градоначалници остварија победи со помалку од 70 гласови разлика.

Во Брвеница победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Јовица Илиевски со 3.486 гласови наспроти Енвер Пајазити кој на овие избори настапи како независен кандидат и доби 3.450 гласови а разликата помеѓу нив е само 16 гласа. Исти случај имаше и во Кочани каде што кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ победи со 16 гласови разлика односно Љупчо Папазов доби 8.697 гласови додека неговиот против кандидат Николчо Илијев доби 8.681 глас и покрај притисоците и обидот за масовен поткуп во овој град, за што обвини и опозицијата а нивниот Претседател Христијан Мицкоски на ден пред изборите беше вербално нападнат и тоа пред полициската станица во Кочани.

26 гласа разлика му донесе победа на Славе Андонов во Василево (3.332) наспроти неговиот противкандидат Марјан Јанев од СДСМ (3.306) додека победата во Македонски Брод му припадна на еден од двајцата „вмровци“ со 27 гласа разлика, односно Жарко Ристевски доби 1.903 гласа кој формално беше предложен од партијата како кандидат, додека Ацо Новески, долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ а кој на овие избори настапи како независен кандидат доби 1.876 гласови.

Со 23 гласа разлика во Конче победи Златко Ристов од ВМРО-ДПМНЕ додека во 39 гласа разлика победи Бошко Цветковски исто така од ВМРО-ДПМНЕ во Лозово.

Кандидатот на власта пак во Демир Капија, Лазар Петров го победи неговиот противкандидат од опозицијата Андон Донев со 36 гласа разлика.

Но сепак, победите на ВМРО-ДПМНЕ во скопските општини Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров но и во поголемите градови како Битола, Прилеп, Охрид, Велес, Гевгелија, Радовиш, Кавадарци, Неготино и пред се во главниот град Скопје и нанесоа на власта убедлив пораз на овие локални избори.

Исто како и во македонскиот, така и во албанскиот блок победник градоначалник се стана со разлика помала од 70 гласа. И во двата случаи поразен беше ДУИ. Во општина Желино, кандидатот на БЕСА Блјерим Сејди освои 5.171 глас за разлика од неговиот конкурент Фатмир Изаири од ДУИ кој доби 5.102 гласа односно 69 гласа помалце, додека пак во Студеничани кандидатот на ДПА Азем Садики доби 59 гласа повеќе од Ејуп Абази од ДУИ односно за него гласале 4.119 граѓани наспроти 4.060.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2021 04:31