Ако се направи детална анализа на резултатите од вториот круг на локалните избори во споредба со резултатите од пред две недели, односно од првиот круг може да се заклучи дека главните коалициони партии во Собранието и Владата кои го имаат мнозинството овој пат си ги помешаа математиките.

Како заклучок се изведува дека од целата таа „кармакаша“ и измешани карти најголем добитник испадна БЕСА.

Премиерот Зоран Заев кој по изборниот дебакл поднесе оставка на партиска прес-конференција, помеѓу првиот и вториот круг на изборите, јавно го соопшти ставот на СДСМ и кажа дека нема да поддржат ниту еден кандидат во општините каде во вториот круг битката ја биеја владеачките партии од албанскиот блок.

Како резултат на тоа, ДУИ и нивниот претседател Али Ахмети кој во јавноста го „искара“ Заев за најавата дека ќе си поднесе оставка, загубија во три општини. Победите во овие три општини каде што имаше директен дуел на албанските партии од власта отидоа во рацете на БЕСА и ДПА.

Во Тетово, Билал Касами ја победи актуелната градоначалничка од ДУИ Теута Арифи со резултат 21.591 наспроти 16.542, во Желино исто така победи кандидатот на БЕСА Блерим Сејди наспроти кандидатот на ДУИ Фатмир Изаири, додека во Студеничани кандидатот на ДПА Азем Садики го победи кандидатот на ДУИ Ејуп Абази.

Се чини и дека повикот на Заев за поддршка на кандидатот на ДУИ во Кичево, Фатмир Дехари немаше да биде од преголемо значење доколку ДУИ „не ја превземаа работата во нивни раце“ и во согласност со „концептот на зелена агенда“ не донесоа полни авиони и автобуси на албански иселеници да гласаат во Кичево.

Од друга страна пак претпоставувајќи ги изборните математики, ниту ДУИ не остана покуса. Успеа од рацете на СДСМ да го врати под своја контрола Арачиново а во Сарај пак, каде што досегашниот градоначалник Шилегов немаше храброст да ја урне дивоградбата на Матка „за да не предизвика криза во Владата“ доби помал број на гласови за разлика од првиот круг. Имено во првиот круг од изборите Петре Шилегов во Сарај доби 8.450 додека во вториот круг таа бројка се намали на 7.549 односно минус 901 гласа, а кандидатот на ДУИ на оваа општина Блерим Беџети победи уште во првиот круг со 10.790 гласа.

Слична е ситуацијата и во Ресен, каде што во првиот круг од изборите со кандидати за градоначалници настапија и двете владеачки партии односно и СДСМ и ДУИ. Иако кандидатот на СДСМ Живко Гошаревски во првиот круг победи со 3.533 гласа наспроти кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Јован Тозиевски кој освои 3.342 гласа, додека кандидатот на ДУИ Осман Шукриу имаше 800 гласа, во вториот круг се случи пресрвт и кандидатот на опозицијата успеа да победи со 4.350 гласа наспроти Гошаревски кој доби 4.011 гласови.

Оттука станува јасно дека јавната поддршка кои ја прокламираа овие две партии на терен и во практика воопшто не е реална.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2021 05:20