Евангелија Ивановска, студентка на Факултетот за Дизајн и мултимедија при Американскиот Универзитет на Европа – ФОН (АЕУ-ФОН) го освои првото место за изработка на постер со кој учествуваше на конкурсот насловен „Данте 700“ што го организираа Институтот Данте Алигери (Instituto Dante Alighieri) од Скопје и Амбасадата на Република Италија.

Конкурсот беше распишан по повод одбележувањето на 700 години од смртта на Данте Алигиери, авторот на „Божествената комедија“, кој го постави италијанското средновековно литературно творештво на пијадесталот на светската литература.

На конкурсот беа доставени вкупно 281 постер од 170 учесници, претежно студенти од факултетите и академиите за визуелна уметност, а исто така учествуваа и ученици од средните училишта. По првото рангирање, комисијата составена од македонските дизајнери Небојша Гелевски и Нгадњим Мехмети, како и од Серхио Оливоти и Марко Натоли од Италија, ги избраа 15 -те финалисти. Во соработка со амбасадата, конечно беа избрани тројцата најдобри.

Првото место го освои Евангелија Ивановска, второто Јована Ристовска од Универзитетот Американ Колеџ Скопје – УАКС, а третото на Иван Коминовски од Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2021 03:03