Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Рускиот центар при Универзитетот „Кирил и Методиј“ од денеска до 16 овој месец организираат низа настани по повод 200 години од раѓањето на еден од најпознатите руски писатели од 19-от век – Фјодор Михајлович Достоевски.

Одбележувањето на јубилејот започнува денес со промоција на збирката студентски преводи „Проект Достоевски: 200 години“, кој вклучува преводи на помалку познати текстови на Достоевски направени од страна на студентите на Катедрата за славистика.

По промоција на зборникот ќе се одржи проекција на видеото „Ракописот на Достоевски“ на Московското калиграфско училиште и ќе биде прикажана видеоекскузија „Москва на Достоевски“. Двете видеа се на руски јазик, а се преведени на македонски јазик од страна на студентите на Катедрата за славистика.

Во петок, Рускиот центар при УКИМ организира тркалезна маса на тема „Достоевски и современоста низ призмата на индивидуалниот и општествен морал“ на која за моралните дилеми во делата на писателот и како тие се рефлектираат на современата стварност ќе зборуваат проф. д-р Мишел Павловски и проф. д-р Лорета Георгиевска од Институтот за македонска литература, како и проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ од Богословскиот факултет и Кирил Минанов, писател и активист.

Одбележувањето ќе заврши на 16 ноември со предавањето „Ф.М. Достоевски: рецепција на творештвото и пророчки идеи“ кое ќе го одржи д-р Људмила Хворова, професор на Факулетот за филологија и новинарство на Тамбовскиот државен универзитет „Г.Р. Державин“ во Русија.

Сите настани се од отворен тип и ќе бидат организирани на платформата Zoom.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2021 10:06