Под слоганот „Избери го својот стил“ од денеска до 15 декември преку стриминг платформата „Синесквер“ ќе се одржува седмото издание на SEE онлајн филмскиот фестивал.

Селектирани се 27 филмски наслови поделени во четири категории – долгометражни играни филмови, документарни филмови, краткометражни играни филмови и анимирани филмови.

Од „Синесквер“ соопштија дека и оваа година ќе промовираат квалитетни филмови од режисери и продуценти од 13 земји од Југоисточна Европа. Целта е да им се даде можност на новите генерации гледачи да имаат полесен пристап до новите филмови кои се продуцираат на Балканот и поширокиот регион.

Како дел од седмото издание ќе може да се погледнат македонските филмови „Втора шанса“ во режија на Марија Џиџева и „Цвеќина на водата“ во режија на Тања Балаќ. Од останатите наслови може да се издвојат „Близнаци исткаени од соништа“ во режија на Сеад Шаботиќ од Србија, „Инсајдери“ во режија на Хусаин Карабеј од Турција, „Опстанок и училиште“ во режија на Илир Кабаши од Косово, „Спарина“ во режија на Петар Вукиќевиќ од Хрватска.

-Картите може да се купат директно на самата интернет страница и тоа поединечно за секој филм со цена од 15 денари до 62 денари, но и како групен билет по цена од 555 денари за сите филмови. Доколку се купи филм поединечно, истиот ќе бидат достапни за гледање 24 часа по купувањето на картата, додека доколку се купи групен билет, филмовите ќе бидат достапни за гледање во текот на целиот месец, се наведува во соопштението на „Синесквер“.

Жири на овогодинешното издание се домашниот продуцент Владимир Стојчевски, италијанската филмска дистрибутерка Лучила Риџо и хрватската монтажерка Ива Иван.

SEE онлајн филмски фестивал е првиот онлајн филмски фестивал во регионот, кој дистрибутерската куќа „Катавеј“ почна да го организира уште пред ковид пандемијата, и е достапен во 13 земји од Југоисточна Европа.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2021 17:30