Излезе од печат монографското дело со 980 маслени слики од академикот Васко Ташковски, во издание на Македонската академија на науките и уметностите и Матица македонска од Скопје. На страниците од ова ретко издание, застапени се дела од сите творечки фази на еден од најдобрите и најоригинални македонски сликари.

Васко Ташковски во изминатите шест децении творечка дејност одбележа значајна етапа во современите текови на македонското сликарство. Според богатството на темите, неговите слики обликуваат посебен уметнички универзум, не само во бујните текови на модерната македонска уметност, туку и пошироко, во интернационални рамки.

Писателот Раде Силјан во предговорот насловен „Фантастичната приказна на Васко Ташковски“ констатира дека сликарскиот свет на Васко Ташковски е препознатлив, по многу свои елементи чудесно раскошен.

-Неговата уметност комуницира на општи и универзални релации, својствена за автор со автономен свет, вешто обликуван во дела со антологиска вредност. Тоа е свет приемчив, по многу свои карактеристики раскошен, свет на тајни и митски предели, суптилно обликуван, констатира писателот Силјан.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/11/2021 13:51