Поетесата и писателка Елизабета Јончиќ ја промовираше својата нова книга поезија „Срце за сонце“, издание на Друштвото на писатели Битолски книжевен круг.

Книгата е составена од три циклуси во кои Сонцето како поетски инструмент поетесата го користи во различен контекст, најчесто за да проговори за луѓето, за светлата страна на личноста, но и за нивното постоење, грижи, радости и проблеми.

-Елизабета Јончиќ ја опишува борбата меѓу светлината и темнината, помеѓу доброто и злото. Сликите за кои зборува нејзината поезијата се специфични. Благородната поетска природа се лути на возгоредеаноста исто како што учи и религијата дека токму таа, како синоним за суетноста, е погубна за душевниот мир на единката, забележува рецензентката Љубинка Донева и посочува дека поетесата надежно опоменува дека со сонцето во нас, сѐ уште има надеж и за единката и пошироко. Оттука и потребата, овој топол пев за човечкото во човекот, да се препорача за книжевна реалност.

Елизабета Јончиќ пишува позија, проза, книжевна критика и драмски пиеси за деца и возрасни.

Член е на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“, и негов претседател. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и Македонско научно друштво-Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/11/2021 13:57