на 19.11.2021 ќе се одржи мултимедијален концерт посветен на легендата на македонската забавна и народна музика ЈАНКО УЗУНОВ во неговото родно Валандово.

Се работи за еден од најпознатите валандовчани со богата музичка кариера зад себе. Познат како "момчето со мандолина", Јанко има настапувано на огромен број фестивали, добиено голем број награди и е автор на многу популарни музички композиции. Како омилен кај македонската дијаспора одржувал концерти во скоро сите земји каде живеат македонци а најчесто во Автралија, Америка, Канада и скоро сите балкански и европски држави.

Узунов кај македонската јавност е препознатлив како врвен пејач со многу моќен и уникатен глас, виртуозен гитарист, композитор, аранжер, текстописец, музички продуцент, наставник по музика и музички теоретичар. Основач е на групите Златни стени, Детелинки, Сирма, Вардарски петли и Група Узун. Исто така ја создаде естрадната школа - УЗУН преку која успеа музички да образова стотици млади таленти од нашата држава, а за нејзините потреби напиша исклучителни книги за изучување на модерна гитара во четири степени, од почетник до професионалец.

На концертот, за ликот и делото на Јанко Узунов ќе се обратат неговите соработници Ванчо Тарабунов, Никола Фириев, Горан Алачки и Валентина Ѓоргиевска Парго, како и неговиот син Кирил Узунов.

Свој настап ќе имаат неговата сопруга Жаклина Узунова, Александра Станковска од Узун - Естрадна школа и домаќините Распеани Валандовчани кои заедно со поддршката на Домот на културата во Валандово, Министерството за култура на Македонија и градоначалникот на Град Валандово, се организатори на овој мелтимедијален настан. Освен настапи во живо програмата ќе содржи и видео проекции од настапи на Јанко Узунов, снимени материјали и беседи посветени на овој голем уметник од негови другари од детството, соработници, пријатели, обожаватели а исто така и изведба на песната „За Јанко“ - Уни Бенд од дечињата од трето одделение од Основно Училиште Јосип Броз - Тито - Валандово.

Освен големиот број доделени постхумни награди и одржани меморијални манифестации низ годините после неговото упокојување, градот Валандово ја именуваше концертната сала на Домот на културата во сала Јанко Узунов, нешто што претставува значаен гест за гаење на споменот за овој музички великан и огромна чест за неговата фамилија.

Настанот ќе се одржи на 19.11.2021 год. (петок) во 19:00 часот, во Кино Сала - Валандово. Влезот е слободен.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2021 02:17